Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го одби барањето на неколку американски амбасади, во јуни за време на ЛГБТ Месецот на гордоста, да се вее знамето со боите на виножитото.

Амбасадите на САД во Германија, Израел, Бразил и Латвија од Стејт департментот побарале дозвола да го веат ЛГБТ знамето на јарболот, покрај американското, но биле одбиени, пишува „НБЦ Њуз“.

Кога американската амбасада во Берлин побарала да го вее знамето за време на градската недела на гордоста, на крајот од јуни, како што тоа го правеле секоја година, овој пат „пристигнал меил од Државната канцеларија во кој се вели не. Одбиено,“ изјавил еден од официјалните лица на Стејт департментот за СиЕнЕн.

Сепак, амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел, кој е геј маж, изјавил за СиЕнЕн дека планира да закачи огромен банер од страната на Амбасадата за време на месецот на гордоста.

“Препознавањето на Месецот на гордоста од страна на претседателот на САД во неговиот твитер коментар, ја охрабрува нашата кампања за декриминализација и уште повеќе не прави горди да маршираме на парадата во Берлин. Ќе поставиме огромен банер од страната на амбасадата со кој ќе ја признаеме нашата гордост, и ќе го вееме ЛГБТ знамето на гордоста“, изјави амбасадорот Гренел.

Амбасадата во Берлин, во месец мај даде силна поддршка на ЛГБТ заедницата за време на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

Од амбасадите на САД за СиЕнЕн велат дека планираат да го веат знамето на друго место на нивна основа, бидејќи им е потребна дозвола од САД да го веат на јарболот до американското знаме.

Администрацијата на Трамп тврди дека ги поддржува правата на ЛГБТ заедниците во странство.

Претседателот Доналд Трамп претходно овој месец се огласи по повод месецот на гордоста каде ги повика другите земји да ја декриминализираат хомосексуалноста.

“Дозволете ни да застанеме во знак на солидарност со многу ЛГБТ луѓе кои живеат во десетици земји ширум светот кои казнуваат, затвораат или дури егзекутираат поединци врз основа на нивната сексуална ориентација”, напиша Трамп.


Сепак, администрацијата на Трамп во неколку наврати се обиде да ги одврати ЛГБТ правата на Американците, повлекувајќи ги заштитните мерки за трансродовите студенти во училиштата да бидат дискриминирани врз основа на родовиот идентитет или забраната за транс луѓе да служат во армијата.