Куба ја одбележува 60-тата годишнина од револуцијата. Во Сантјаго де Куба е организирана прослава на која, на плоштадот на кој Фидел Кастро ја објави победата, е поставено огромно кубанско знаме. Почит е одадена и на гробиштата Санта Ифигенија, каде е погребан Кастро.

Претседателот Мигел Дијас-Канел на Твитер напиша дека ова е празник на радоста и на се, што изградиле народот на Куба и револуционерната влада.

Чест и слава на сите оние кои во текот на јануари 1959 година и ставија крај на диктатурата на Батиста и се изборија за името Остров на слободата за Куба, се вели во соопштението.

Првиот секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија, Раул Кастро, на прославата по повод победата на револуцијата изјави дека Куба не е против тоа да гради односи со САД, но тоа не треба да се случува од позиција на сила. Според него, Кубанците успеале да му се спротивстават на империјализмот 60 години и затоа не стравуваат од говорот на силата и заплашувањето. Кастро, меѓутоа, подвлече дека Хавана е подготвена за соодветни цивилизирани односи и меѓусебно почитување со Вашингтон.