Обраќајќи се пред Советот за човекови права на Обединетите Нации, високата комесарка на за човекови права на ОН, Мишел Башеле, изјави дека се чини оти во Венецуела продолжуваат убиствата без судски процес и дека специјалните полициски сили, коишто се одговорни за нив ја имаат заштитата од властите во Каракас. Башеле додаде дека нејзината канцеларија, покрај можните убиства, забележала и случаи на мачење на војници и на други произволно затворени луѓе.

Високата комесарка појасни дека невладината организација „Следење на жртвите“ открила 57 случаи на убиства за кои, како што се претпоставува, биле одговорни специјалните полициски сили.

Башеле соопшти дека од нејзината канцеларија го повикала претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, да ги казни сторителите на таквите дела.

Претходниот извештај на Башеле, објавен во јули, властите во Каракас го нарекоа селективен и со отворено пристрасен поглед, притоа напоменувајќи дека биле игнорирани официјалните податоци, а се базирал само на изјави на пристрасни сведоци.

Башеле изрази и загриженост поради американските санкции кон Каракас, чија цел е да се натера Мадуро да поднесе оставка. Таа смета дека таквата политика на САД дополнително ја влошуваат хуманитарната ситуација во Венецуела и придонесуваат за егзодус на населението на оваа јужноамериканска држава.