Шпанија се надева дека во ноември ќе успее да постигне рамка на договор со Велика Британија околу статусот на Гибралтар откако Британците ќе излезат од Европската Унија, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез. Истовремено, Шпанија треба да го детализира преодниот период за постигнување договор со Велика Британија околу прашањата на екологијата, даночните закони и трговијата со тутунски производи на полуостровот што има статус на британска територија.

Гибралтар, парчето земја што се наоѓа на јужниот брег на Шпанија, ќе ја напушти Унијата заедно со остатокот од Обединетото Кралство на 29 март идната година. Гибралтар не е дел од царинската унија на ЕУ, но компаниите стравуваат дека режимот на границата би можел да стане многу построг по Брегзитот. Тоа би можело да и наштети на економијата на полустровот, којашто зависи од работниците коишто ја преминуваат границата со Шпанија.

Билатералните разговори меѓу Мадрид и Лондон за Гибралтар се водат од почетокот на годинава, а претставници на двете земји досега одржаа шест официјални состаноци.

Имаме некои разлики во поглед на правосудската и полициската соработка и слободното движење на луѓето – изјави Санчез на самитот на ЕУ, во моментите кога членките на Унијата побараа од британската премиерка, Тереза Меј гаранции во поглед на другите граници на Британија со Унијата, како таа меѓу Северна и Република Ирска.

Во разговорите на двете земји било разговарано за можноста за заедничко користење на аеродормот во Гибралтар и сеопфатна отвореност околу фискалните податоци на жителите на Гибралтар за да се спречи избегнување данок.