Едно возило со голема брзина удрило во зградата на телевизијата Фокс 4 во Далас. Пред да биде приведен, возачот зад себе оставил сомнителна торба, којашто предизвикала стравување кај безбедносните служби дека содржи експлозив. Поради тоа поголемиот дел од вработените биле итно евакуирани од зградата.

Во случката немало повредени, а според очевидци, откако се забил во стаклениот ѕид на зградата почнал неконтролирано да вика. Од телевизијата соопштија дека дел од нивните вработени од друга безбедна локација продолжуваат да работат во обид да ги одржат вестите во етер.


Овој инцидент се случува само една недела откако полицијата во Бостон уапси 68-годишен маж од Калифорнија што му се заканувал на новинар вработен во Бостон Глоуб. Причина за таквите вербални закани било тоа што човекот бил незадоволен од негативното пишување за администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Поради тоа човекот се заканувал дека ќе отиде во просториите на весникот и ќе ги убива новинарите.