Американскиот претседател Доналд Трамп ја осуди новата книга за Белата куќа на легендарниот новинар Боб Вудворд, нарекувајќи ја голема измама која е пуштена во јавноста.

Министерот за одбрана, Џејмс Матис и шефот на кабинет на претседателот, Џон Кели, ја опишаа книгата како патетична.


Во книгата, се цитирани изјави на високи соработници нa Трамп во Белата куќа, дека криеле чувствителни документи за да го спречат Трамп да ги потпише.

Kнигата на легендарниот новинар Боб Вудворд, „Страв: Трамп во Белата куќа“, содржи сведочења на вработени во администрацијата, го прикажува американскиот претседател, Доналд Трамп, како опасно неупатен во светските прашања, а неговата Бела куќа како дисфункционална и преокупирана со внатрешните спорови.

Книгата е заснована на стотина часови со луѓе кои од прва рака учествувале во 20-месечното претседателствување на Трамп.

Американскиот лидер е опишан како човек опседнат со кривична истрага во врска со прашањето дали ја опструирал правдата обидувајќи се да ја спречи истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер за руското мешање во претседателските избори во 2016 година, пренесе „Глас на Америка“.

Во еден момент, како што пишува Вудворд во книгата, адвокатот на Трамп, Џон Дауд, организирал симулирано испитување на Трамп за врските на неговиот изборен штаб со Русија и неговите потези на функцијата претседател, но Трамп многупати се сопна на фактите, што на крајот изгуби контрола и се разбесни.

„Таа работа е проклета измама“, рече Трамп за истрагата додека вежбата за сведочењето заврши со неговата реченица: „Навистина не сакам да сведочам“.

Според пишувањето на Вудворд, Дауд му рекол на Трамп дека ќе заврши во портокалово затворско одело ако сведочи пред Милер.

Боб Вудворд

Неколку месеци подоцна, како што наведува Вудворд, Трамп му рекол на Дауд: „Би бил навистина добар сведок“.

„Не сте добар сведок. Господине претседателе, се плашам дека едноставно не можам да ви помогнам“, одговорил Дауд.

Следното утро Дауд даде оставка во тимот на адвокати на Трамп.

Сегашните адвокати на Трамп со месеци преговараа со правниот тим на Милер, кој, пак, сака да разговара со претседателот, но сè уште не е постигнат договор за тоа.

Вудворд, кој пред повеќе децении како млад репортер на „Вашингтон пост“ напиша истражувачки текстови за корупција во Белата куќа, кои доведоа до оставка на претседателот Ричард Никсон, се повикува на актуелни и поранешни претставници на Белата куќа, кои многу негативно зборуваат за Трамп, наведувајќи дека не го интересира дека неговите чекори како претседател би можеле да ја загрозат светската безбедност и дека често не е запознаен со општо познати факти.

Обидите на Вудворд да добие интервју со Трамп беа неуспешни, иако претседателот се обиде да разговара со новинарот откако тој ја заврши книгата.