Властите во округот Рокленд, северно од Њујорк, воведуваат радикални мерки против епидемијата од морбили по појавата на 153 нови случаи на заболени деца, јавува Би Би Си. Властите забранија носење на невакцинирани деца на јавни места, а непочитувањето на одлуката ќе се казнува со глоба од 500 долари и казна затвор до шест месеци.

Со забраната се опфатени училишта, трговски центи, ресторани и верски храмови и ќе трае во период од 30 дена.

Процентот на вакцинирани деца против морбили во САД последниве години е во опаѓање, зашто родителите наведуваат религиозни, филозофски или псевдонаучни причини за да ја избегнат имунизацијата, а меѓу нив секако спаѓа и повеќекратно демантираната лажна вест дека вакцината може да предизвика аутизам.

Според „Њујорк тајмс“, епидемијата во Роклњнд почнала од локалната ортодоксна еврејска заедница. Локални новинари посочуваат дека едвај 50-60% од децата во религиозни семејства се вакцинирани.