Потпретседателот на САД Мајкл Пенс изјави дека официјална политика на САД е да се вратат американските астронаути на Месечината во рок од пет години и дека жена ќе биде следната која ќе го допре месечевото тло.

„Првата жена и следниот маж на Месечината ќе бидат американски астронаути, кои таму ќе пристигнат со американски ракети од американско тло“, рече Пенс во говорот во Хантсвил во Алабама каде со години се произведуваат американски ракети.

До сега враќањето на Месечината беше предвидено за 2028 година, но владата на претседателот Доналд Трамп изрази незадоволство заради доцнењето и надминувањето на буџетот на американската вселенска агенција НАСА за изградба на големи ракети, чии прв лет неодамна е одложен за 2021 година.

Пенс отворено ја критикуваше НАСА во говорот, споменувајќи ја „бирократската инерција“ и залагајќи се за „нова состојба на духот“.

Тој се закани дека на приватни фирми ќе го довери остварувањето на идните мисии, доколку НАСА не е подготвена на време.

„Ако приватните ракети се единствениот начин да се вратат американските астронаути на Месечината за пет години тогаш нека бидат приватни ракети, рече потпретседателот на САД.

Шефот на НАСА, Џим Брајденштајн наведе дека жена ќе биде следната личност која ќе оди по Месечината, каде ниедно човечко суштество не било од 1972 година.