Поради сознанија дека вршел он-лајн продажба на ураниум и експлозиви, јапонските власти водат истрага против ученик, јавува „Индипенднт“. Момчето е на возраст од 16 години и е осомничено за рафинирање на радиоактивниот материјал, како и за производство на еритирол тетранитрат-супстанца која се користи за производство на експлозиви.

Момчето е уапсено и испитувано од полицијата во Токио заедно со уште неколку лица, кои од него купиле ураниум.

Властите за првпат се посомневале во момчето откако добиле сигнал за продажба на ураниум преку yahoo. Супстанцата била рекламирана како „99,9% чиста“.  Откако го пребарала домот на ученикот, полицијата истражува неколку набавки на ураниум.

Истрагата покажала дека момчето добивало радиоактивни супстанци при обработка на ураниумова руда. Според учесник во истрагата, 16-годишниот ученик не е терорист, туку повеќе вљубеник во хемијата.

Локалните власти истакнуваат дека ова не е прв случај, зашто јапонски ученици не еднаш се обиделе да произведат отровен гас-сарин. Според властите, речиси е невозможно ученикот да успеал да произведе радиоактивен материјал, што би можел да се искористи. Откриениот ураниумов коцентрат, пак, е со многу ниска радиоактивност.