Од почетокот на демонстрациите во август, повеќе од 19 000 демонстранти беа уапсени, од кои илјадници беа претепани

Според групите за човекови права најмалку четири лица починале по апсењето

Најмалку 320 демонстранти се уапсени во Минск за време на вчерашниот протест на кој учествуваа илјадници Белоруси, кој беше еден од неколкуте што се организираа низ целата земја против претседател Александар Лукашенко, барајќи негова оставка.

Групата за заштита на човековите права Весна (Пролет) сопшти дека освен апсењата, голем дел од учесниците биле и претепани.

И покрај снегот, илјаднии демонстранти ги продолжија протестите кои започнаа во Белорусија во август, откако Лукашенко прогласи апсолутна победа, која сите меѓународни институции сметаат дека е резултат на изборни измами.

Тие носеа транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Сосед за сосед против диктатурата“ и извикуваа „Оди си, стаорецу“, што се однесуваше на Лукашенко, кој владее во земјата веќе 26 години.

Полицијата повторно употребила солзавец и шок-бомби за да ги растера насобраните, а некои биле тепани, додека бегале да се скријат во влезовите на околните згради.

Во пресрет на протестот, полицијата распореди водени топови, оклопни возила и комбиња во центарот на Минск. Неколку метро станици биле затворени, а пристапот до Интернет ограничен.

Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, која веднаш по изборите пребега во Литванија за да избегне апсење, во саботата ја повтори поддршката за демонстрантите.

„Ќе ги поддржам сите што ќе излезат на ‘Маршот на соседите’. Веќе поминавме долг и тежок пат заедно. Ние сме горди, храбри, мирни луѓе кои ја знаат цената на слободата и никогаш нема да се согласат да живеат без тоа”, рече Тихановскаја, која беше главен ривал на Лукашенко на претседателските избори по апсењето на други истакнати опозициски политичари.

Белорусија се наоѓа политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, откако беше објавено дека Лукашенко освоил повеќе од 80 проценти од гласовите.

И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат повеќе од три и пол месеци.

Најмасовните протести се одржуваат во неделите, кога десетици илјади демонстранти излегуваат на улиците. На еден таков протест учествуваа и 200 000 луѓе.