Одлуката на САД да се повлечат од УНЕСКО, што беше објавена во текот на 2017 година, стапи во сила, согласно уставот на организацијата, јавува ТАСС. Од овој момент Соединетите Држави го прекинуваат полноправното членство во УНЕСКО и стануваат држава со статус на набљудувач.

Во пракса тоа значи дека Вашингтон повеќе нема да плаќа членарина и нема да може да биде избран во Комитетот за светското наследство, орган одговорен за примената на одредбите од Конвенцијата од 1972 година за заштита на културното и природното наследство.

Самата конвенција е независен меѓународен договор, потпишан и ратификуван од САД. Вашингтон не го напушта и ќе продолжи да го исполнува. Што се однесува до членарината, САД не ја имаат платено од 2011 година наваму. Тие откажаа да учествуваат во финансирањето на УНЕСКО, откако Палестина беше примена во нејзините редови како полноправна членка. Како резултат на сето ова, меѓународната организација загуби 22% од своето финансирање.