Европските лидери ќе бараат мигрантите да го научат јазикот на земјата домаќин и да ги интегрираат своите деца во нови општества со цел да се искорени радикалниот исламизам. Ова е наведено во декларацијата на ЕУ, чиј нацрт е објавен во весникот Гардијан.

Декларацијата се појвави во медиумите во вторникот непосредно пред виртуелниот самит меѓу Франција, Австрија, Германија и Холандија, на кој присуствуваа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Разговорите се фокусираа на изнаоѓање начин ЕУ да одговори на теророт по нападите во Париз, Ница и Виена.

Декларацијата повикува на почитување на европските вредности и предупредува дека негирањето на интеграцијата ќе биде построго казнето.

Пред заедничката средба во Париз имаше разговори меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц. За време на посетата на Австрија во понеделникот во чест на жртвите од нападот во Виена, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел повика на формирање на европски институт за обука на имами со цел да се спречи говорот на омраза во нивните проповеди и ќе се контролира странското финансирање на верските училишта.

Темите на самитот вклучуваа зајакнување на соработката меѓу европските полициски служби, правда и разузнавање, продлабочување на борбата против терористичката пропаганда на Интернет и засилување на безбедноста на надворешните граници. Макрон повторно повика на фундаментален ремонт на Шенген, со цел да се постигне поголема безбедност во Европа.