Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот рече дека остри промени на девизниот пазар се регистрирани во текот на август како доказ за обид за економски атентат врз неговата земја, објави Анадолија.

“Турција наскоро ќе го надмине бранот промени на девизниот пазар”, рече тој во Анкара.

Турскиот претседател рече дека ненадејните промени на девизниот пазар покажуваат дека тоа е само политичко прашање, бидејќи неговата земја не одговори на барањата на американската администрација што претставуваат отворено непочитување на една суверена на држава.

Лирата почна да се опоравува

“Настаните преку кои поминува Турција покажуваат дека ниту една земја во светот повеќе нема политичка и економска сигурност”, рече Ердоган.

Турската централна банка значително ја подигна референтната каматна стапка од 17,75 на 24 отсто, за да ја скроти инфлацијата и да ја поддржи домашната валута која годинава бележи големи загуби. Турската лира почна да се опоравува набрзо после оваа објава на банката.

Претходно во четвртокот, Ердоган го повтори своето противење на зголемувањето на каматните стапки, наведувајќи дека погрешните чекори на Централната банка се причина за високата инфлација во земјата.

Централната банка вели дека влошувањето на ценовниот тренд продолжи да претставува ризик во продолжувањето на инфлацијата, и покрај послабата домашна побарувачка. Ердоган, исто така, ги критикуваше приватните банки, од кои некои се вели дека ги зголемија каматните стапки на 50 отсто.