Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека нападот на сиријската покраина Идлиб, која е под контрола на бунтовниците, би предизвикал масакр.

Исто така, како што пренесува весникот Хуријет, Ердоган прогнозира дека на престојниот самит за Сирија кој ќе се одржи во Техеран, на кој ќе присуствуваат челниците на Иран, Русија и Турција, ќе донесе позитивни резултати.

Но Русија, сојузникот на сиријскиот претседател Башр Ал Асад, во вторникот ги продолжи воздушните напади против бунтовниците во Идлиб, потврдуваат активисти од терен.

Пред ова, сиријските Владини сили со недели бомбардираа од воздух и го гранатира регионот, што очигледно е вовед во офанзива од широки размери против последното упориште на бунтовниците.

„Ситуацијата во Идлиб е клучна за Турција. Таму се случува нечовечки процес. Ако на тоа подрачје се истрелаат ракети, ќе биде тежок масакр“, констатира Ердоган.

Турција, која поддржува дел од бунтовниците против Асад, се надева на позитивен исход од самитот во Техеран, кој ќе се одржи во петок.

„На самитот во Техеран ќе го доведеме прашањето до позитивна точка. Се надевам дека ќе успееме да го спречиме екстремизмот на сиријската влада во тој регион“, рече турскиот претседател.

Во Идлиб живеат околу три милиони цивили, а Обединетите нации предупредија дека околу 800 илјади луѓе би можеле да бидат принудени да ги напуштат нивните домови при големата владина офанзива. Во војната досега загинаа околу 400 илјади луѓе, а милиони се раселени.