На 13 мај 1981 година, во 17,20 часот, во Рим, додека се поздравуваше со мноштвото собрани луѓе беше застрелан папата Јован Павле Втори. Атентаторот, турскиот граѓанин Мехмед Али Агџа, беше фатен на самото место, пишуваат бугарските медиуми.
Атентаторот изјави дека делувал сам и по сопствено убедување. Набрзо потоа, Али Агџа во забрзана судска постапка е осуден на доживотен затвор. Една година подоцна Агџа ги менува своите искази и почнува да тврди дека зад атентатот стојат бугарските тајни служби.
Почнува нова истрага и на 25 ноември 1982 година е уапсен Бугаринот, Сергеј Антонов, вработен во претставништвото на БГА „Балкан“ во Рим. Следува бучен судски процес, што трае четири години. Во текот на сослушувањата Агџа се вплеткува во низа противречности и почнува да зборува за учество во атентатот како на КГБ, така и на американските служби.
На 29 март 1986 година, заради недостиг на докази, судот го прогласува Сергеј Антонов за невин. Меѓутоа, мистеријата за атентатот продолжува и периодично одново почнува да се говори за „бугарската трага“ во пукањето врз папата Јован Павле Втори.
Самиот Јован Павле Втори, за време на посетата на Бугарија, пред бугарскиот претседател Георги Прванов ќе изјави дека никогаш не верувал во „бугарска трага“.
Што е вистината, знае само атентаторот, кој продолжува да се заплеткува во противречности. Во 2013 година Али Агџа ќе изјави дека нападот го извршил по нарачка на иранскиот ајатолах Хомеини. Со сигурност се знае дека терористот имал врски со турската ултранационалистичка организација „Сиви волци“.
По 19 години минати во затвор, Агџа беше помилуван и испратен во Турција, каде останува в затвор уште пет години за да ја одлежи казната за убиство на уредник не лево ориентиран весник во 1979 година. Тој е конечно ослободен во 2010 година.
По процесот, Сергеј Антов се враќа во Бугарија во лоша здравствена состојба. Почина на 1 август 2007 година.
Comments are closed for this post.