Велика Британија ги советува своите граѓани да не патуваат во Шри Ланка, освен во неопходни случаи, се наведува во соопштението на Форин офисот, со предупредување дека терористите најверојатно ќе се обидат да извршат нови напади.

„По монструозните напади извршени на Велигден во неделата и безбедносна операција, која е во тек во Шри Ланка, јас одлучив да ги обновам советите за британските државјани поврзани за патување во Шри Ланка и да ги посоветувам да не заминуваат, освен во неопходни случаи“, изјави британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант.

И Амбасадата на САД во Шри Ланка денеска, исто така, предупреди дека во текот на викендов би можеле да бидат нападнати верски објекти во земјата.

Предупредувањето следува откако премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинге изрази сомнеж дека екстремистите, кои веројатно имаат пристап до експлозиви, се уште се на слобода во таа островска држава.

Во нападите врз цркви и хотели минатата недела за време на католичкиот Велигден, загинаа 359, а беа повредени повеќе од 500 луѓе.

Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група Исламска држава.