Изборниот резултат во Баварија и можните искричења кои ќе произлезат се главна тема на медиумите во Германија по вчерашните избори во најбогатата федерална покраина. Германските медиуми се обидуваат да го декодираат иборниот резултат кој може да се опише како жолт картон за канцеларката Ангела Меркел, како и за односите со ЦСУ, сестринската партија на ЦДУ.

„Ди велт“ е директен и пишува дека изборниот пораз „може да значи дека тоа е крајот на Ангела Меркел“ и забележува дека моментот може да промени се како кај демохристијаните ЦДУ/ЦСУ, така и во унијата во целина.

Токму ЦДУ/ЦСУ се најголемите губитници кои од 44,7 проценти освоени на изборите во 2013 година, во 2018 се намалени за цели десет проценти. Затоа пак најмногу профитираа Зелените кои од 8,6 скокнаа на 17,5 проценти, а ултрадесничарската АФД која на претходните избори не учествуваше, не беше ни формирана, сега стаса до 10,2 проценти и зад себе ги остави некогаш најмоќните социјалдемократи (СПД). Добар резултат освои Слободни гласачи (ФВ) со 11,2, а најверојатно либералите ќе влезат во локалниот парламент со едвај поминат изборен праг, додека Левицата ќе остане надвор.

Аналитичарите велат дека изборниот резултат ќе се одрази и на федерално ниво, иако односите меѓу ЦДУ (Меркел) и ЦСУ (Зехофер) подолго време повеќе личат на битка отколку на коалициски партнери.

„Зидојче цајтунг“ констатира дека времето на еднопартиско владеење е завршено и оти СПД како широко поддржана партија исчезнува. „Шпигел“, пак, испрати порака дека Хорст Зехофер веќе не може да биде министер, а Баварија веќе нема да биде иста со ЦСУ, пред се заради големиот успех на Зелените.