Пакетот санкции што САД ги подготвува за Турција ќе биде објавен по 16 јули, кога е годишнина од обидот за воен пуч во Турција, со цел да се избегнат непријатните асоцијации за официјална Анкара бидејќи, според турските власти, организаторот на пучот живее во САД, објавија некои западни медиуми

Одлуката за санкции доаѓа откако членови на Горниот дом на американскиот Конгрес (Сенат) викендов побараа од Белата куќа да не чека и да воведе санкции против Турција, како мерка против опасното партнерство со Путин, односно испораката на руски ракетни системи С-400.

Овој ракетен систем, во извозната документација именуван како „Триумф“, може да погоди воздушни цели на растојание од 400 километри и тактичко-балистички цели на растојание од 60 километри.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, зделката со испораката на ракетниот систем ја нараче најважен договор во современата историја на земјата.

За некои експерти ова не е едноставна трговија со оружје туку голем надворешно-политички успех за Русија на меѓународната сцена наспроти САД и НАТО сојузниците, кои правеа големи напори испораката да не се случи. Исто така, како членка на воената Алијанса, Турција со оваа испорака го разнишува своето место во НАТО.

По Белорусија и Кина, Турција е трета земја клиент на Москва за ракетниот систем „Триумф“. Во таа група наскоро ќе се приклучи и Индија.