Селекцијата на Шпанија е нов светски шампион во кошарка. Во финалето од турнирот, што се одигра во Кина, Шпанците сосема го оправдаа прекарот „црвена фурија“ и ја прегазија до тој момент непоразената Аргентина со убедливи 95-75.

Својата доминација на теренот Шпанците ја почнаа од самиот почеток на мечот којшто го отворија со серија од 7-0, потоа проширена на 11-2. Во овој дел од мечот стана јасно дека „гаучосите“ ќе имаат многу проблеми, особено поради тоа што беше забележливо дека немаат шутерски ден. Кога на тоа ќе се додаде деконцентрираната игра во одбраната и големиот број дозволени офанзивни скокови на шпанските кошаркари, логичен расплет на настаните беше постепеното, но сигурно зголемување на предноста на Шпанија.

Сосема сигурниот пат на Шпанците кон триумф и освојување на златниот медал го покажува и резултатот по четвртини. Шпанија ги доби сите четири периоди од мечот (23-14, 20-17, 23-16, 29-28) и на тој начин заслужено дојдоа со својата втора Светска титула, по таа освоено во Јапонија во 2006 година.

Во шпанските редови шестмина дојдоа до двоцифрен број поени, а најефикасен беше Рики Рубио со 20, на кои придодаде и седум скокови и три асистенции. Кај Аргентина, единствен што одигра на високо ниво беше Габриел Дек, кој постигна 24 поени, но повеќе од половината во последната четвртина кога Шпанија веќе имаше прилично безбедна предност.