Eден ден по роденденот на аргентинската фудбалска легенда, Диего Марадона, во Буенос Аирес беше откриена негова статуа висока 2,8 метри. Марадона завчера наполни 58 години.

Скулптурите обично се подигаат во чест на починати, а Диего е жив. Но, тој ја заслужува почитта додека сѐ уште е жив и луѓето би требало да знаат дека неговиот роден крај секогаш ќе го памети, изјави директорот на Комисијата за историски истражување во Ла Патернал, Алберто Перез.

Споменикот е поставен до стадионот на Аргентинос јуниорс, каде што Марадона ја почна фудбалската кариера. На бистата тој е облечен во дрес на неговиот матичен клуб.

Марадона настапуваше и за Бока јуниорс, Барселона, Севиља, Наполи и Њуелс Олд Бојс. Кариерата ја заврши во Бока во 1997 година.

Со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското фудбалско првенство во 1986 година, а играше во финалето и четири години подоцна. Од 2008 до 2010 година беше и селектор на националниот тим.

Некогашната фудбалска ѕвезда не присуствуваше на свеченото откривање на споменикот.