Македонската ракометна репрезентација претрпе пораз со резултат 37:21 на гостувањето во Алборг кај актуелниот светски и олимписки првак Данска. Во дуел од 4. коло во квалификациите за Европското првенство 2022, Данците во целост се реваншираа за поразот во Скопје од пред четири дена.

Во составот на нашата репрезентација на оваа средба ги немаше Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов.

Најефикасен играч на натпреварот беше Матијас Гитсел со седум голови, додека најефикасен кај Македонија беше Филип Кузмановски со пет погодоци.

На другиот дуел од 4. коло во Групата 7, Швајцарија ја победи Финска со 32:30.

На две кола до крајот на квалификациите, Данска и Македонија имаат по шест бода, Швајцарците се трети со четири бода, додека Финска нема освоено ниту еден бод.