Откако катастрофално настапија на штотуку завршеното Светско првенство во Кина, најдобрите НБА ѕвезди најавуваат враќање во репрезентацијата на САД и одмазда за слабиот пласман.

Седмото место на Мундобаскетот е најлошиот пласман во историјата за САД.

Прв кој најави враќање во репрезентацијата на наредното големо натпреварување, Олимписките игри во Токио, е најдобриот шутер во НБА лигата, Стеф Кари.

 Досега играв на две светски првенства, и имам два златни медали, но никогаш не настапив на Олимписките игри. Колегите кои играле на ОИ велат дека тоа е посебно искуство кое мора да се доживее. Планот ми е да бидам дел од репрезентацијата идното лето, освен доколку некоја повреда не ми ги расипе плановите – изјави Кари.