Роџер Федерер се пласираше без проблеми за четвртфиналето на силниот тениски турнир од серијата „Мастерс 1.000“ во Мајами, откако го надигра Русинот Данил Медведев со 6:4, 6:2. Дуелот помеѓу двајцата се одигра со ден задоцнување поради дожд, но Швајцарецот стигна самоуверено до успехот по малку над час игра.

Маестро, кој е во потрага по својата четврта титула на терените во Флорида, во четвртфиналето ќе се соочи со Кевин Андерсон.

Другиот четвртфинален дуел во долната половина на шемата ги спротиставува локалниот миленик Френсис Тиафо и друг тенисер од помладата генерација – Денис Шаповалов.

Во горниот дел, една полуфинална двојка веќе е јасна. Шампионот од минатата година Џон Иснер ја продолжува успешно одбраната на титулата по нова победа во два тајбрејк сета – овој пат над Роберто Баутиста Агут, кој го отстрани светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ во претходниот круг.

Ривал пред последното скалило во турнирот на „Биг Џон“ ќе биде канадскиот тинејџер Феликс Оже-Алесем. 18-годишниот тенисер стигна за прв пат во својата кариера до полуфиналето на турнир од сериите „Мастерс”, откако го надигра во два сета Борна Чориќ – 7:6 (4), 6:2.

Денес ќе се одигра четвртфиналето во долната половина на шемата, откако Тиафо и Шаповалов стартуваат во 20 часот, а четири часа подоцна е и судирот меѓу Федерер и Андерсон.