Ракометарите на Вардар во сабота во спортскиот центар Јане Сандански го продлжуваат настапот во Лигата на Шампиони.Пречка во четвртокот коло, по фантастичниот старт во првите три натпревари ќе му биде германскиот Рајн Некар Левен. Тим со кој Вардар веќе играл во елитното натпреварување.

Рајн Некар е многу добра екипа, квалитетен тим кој игра одличен ракомет со многу варијации во играта. Имаат одличен тренер, покажаа колку се јаки во претходните натпревари, затоа мора да влеземе како да ни е последен меч. Вардар е еден од најголемите тимови во Европа кој две години по ред игра на фајнл-фор турнирот во Келн, а еднаш беше и шампион. Не може некој да го потценува Вардар. Ако некој мислел дека Вардар не може да ги добие првите три меча, тоа е негов проблем  вели Тимур Дибиров.
Важноста на натпреварот ја истакнува и тренерот Парондо
Рајн Некар е голем тим, полн со одлични играчи кои знаат да играат различни ситуации и затоа мора да бидеме фокусирани во текот на целиот меч и да знаеме како ќе играме. Тоа е тежок противник бидејќи играат одлично 6 на 6, но и 7 на 6. Тоа е многу потешко да се брани, бара многу движења. Наша главна задача е да се одбраниме добро кога играме 6 на 6, вели Парондо.
Во првите три меча Вардар има фантастични резултати. Ги победи европскиот шампион Монпеље и Веспрем на гости и Кристијанштад во Скопје. Натпреварот со Рајн Некар во сабота се игра од 17:30.