Бразилската фудбалска ѕвезда, Нејмар, кој се соочува со обвинување за силување на една бразилска манекенка, се соочува со нови проблеми со судот во Бразил.

Како што пишува весникот „Фоља де Сао Паоло“, Нејмар се наоѓа под истрага за затајување на повеќе од 15 милиони евра данок за неговиот трансфер од Сантос во Барселона. Како дел од таа постапка, бразилскиот суд донел одлука да се замрзнат 36 недвижности поврзани со фудбалерот.

Според весникот, тие 36 недвижности се на име на Нејмар, на неговата фамилија или на неговите фирми. Меѓу нив се наоѓаат и две вили во коишто фудбалерот вообичаено престојува кога се наожа во Бразил и ги купи во 2011 година, токму со парите што ги доби од трансферот во Барселона.

Тој трансфер е причина за истрагата против фудбалерот поради тоа што, како што објавува бразилскиот весник, Барселона платила 40 милиони евра на една фирма во сопственост на таткото на Нејмар, а парите биле исплатени во три рати  (во 2011, 2013 и 2014 година). Властите сметаат дека тие пари биле наменети за Нејмар, но биле исплатени преку фирмата за да се прокнижат како данок за фирми (17%) и со тоа да се избегне Нејмар да плати персонален данок во висина од 27,7%.

Весникот појаснува дека имоти се блокирани како гаранција и дека фудбалерот може да без пробеми да продолжи да живее во нив, но нема да смее да ги продава. Во април, поради истите причини, судот замрзна и еден хеликиоптер и еден приватен авион.