Македонската фудбалска легенда, Благој Истатов, кој почина денес, ќе биде погребан утре во 14 часот на Градските гробишта во Струмица, а претходно, во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, соопштија денес од Координативното тело кое е формирано по повод смртта на Истатов.

Поранешниот голман на  струмичка Беласица, Победа од Прилеп, Партизан од Белград и Утрехт од Холандија почина во 71. година од животот.

Беше тренер на повеќе клубови во земјава и странство по завршувањето на кариерата, а најголемите успеси ги постигна со Беласица, меѓу кои и пласман во некогашната Единствена втора лига на Југославија.

Истатов беше член и на Стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација како тренер на голманите, а потоа се вклучи во работата на ФФМ како член на Управниот одбор.

Повеќе години живееше во Нов Дојран, каде има формирано своја фудбалска школа и беше сопственик на спортски комплекс и хотел, каде се подготвуваа многу екипи од земјава и странство.