Екстремно разновидна „алијанса на волјата“ е формирана во грчкиот парламент со цел да се изгласа в четврток Преспанскиот договор. „Ефимерида“ наведува денес дека такво „шаренолико“ мнозинство досега немало и во него влегуваат пратеници од власта, но и други кои или биле избркани од своите партии или се одвоиле.

Вкупно пет различни партии се подготвени да гласаат „за“ во четврток навечер.

Се очекува сите пратеници од СИРИЗА да гласаат потврдно, партија која ја собра во себе речиси целата умерена левица, потоа поранешната членка на Нова демократија, Катерина Папакоста, која сега седи во заменичка министерска фотелја, како и поранешниот член на Независни Грци на Каменос, Танасис Папахристопулос, независните од Потами и Танасис Теохаропулос од КАНЕЛ. Но, ги има и уште два-тројца, па така во моментов се доаѓа до мнозинство од 154 пратеници.

Ова мнозинство се нарекува „154 на волјата“. А, сменет е дури и составот на собраниските комисии каде се чешла Договорот, за да не се случи некоја неочекувана бариера. До сега залудни беа повиците на опозицијата да се почитува Уставот и Деловникот на грчкото собрание.

Инаку, „Ефимерида“ потсетува дека токму Папакоста во 2017 година изјавила дека „нема причина да се држиме до црвената линија од Букурешт…туку одлуката на политичките лидери заедно со претседателот на Републиката, треба да биде име кое нема да го содржи зборот Македонија…Ова е национална позиција. Нимиц е дел од проблемот“.

„Денес Папакоста го потпишува Договорот со две раце“, пишува „Ефимерида“.