Формирањето на војска на Косово и Метохија го загрозува цел регион, рече министерот за одбрана Александар Вулин, кој ја повика меѓународната заедница да реагира на одлуката на парламентот на Косово околу усвојувањето на предлог законите за трансформација на Косовските безбедносни служби во војска.
Тој порача дека за Србија е сосема неприфатливо формирањето на косовска армија, истакнувајќи дека меѓународната заедница е должна да ја почитува резолуцијата на ОН 1244 и да не дозволи формирање нелегална вооружена формација која би го загрозила мирот и безбедноста во Косово.
Сега е време да ја видиме меѓународната заедница дали е во состојба да го спроведе сопствениот мандат и одлуки, порача Вулин.
Вулин додава дека претседателот на Србија Александар Вучиќ успеал да избори од НАТО гаранции дека никакви „вооружени формации на косовските Албанци“ нема да се појават северно од реката Ибар.
Тоа е еден од условите за потпишување на Бриелскиот договор, наведува Вулин.
Вулин потенцира дека КФОР е единствената вооружената сила на Косово и дека не може да постои друга. Тој изрази надеж дека во текот на денот ќе разговара со припадниците на КФОР околу состојбата на Косово.
Ме интересира нивниот став околу тоа дали ќе ја испочитуваат резолуцијата 1244, што во потполност е нивна обврска. Формирањето на паравојска на Косово е нешто што го загрозува целиот регион, рече Вулин.
Собранието на Косово вчера, без пратениците од Српската листа кои ја напуштија седницата, начелно ги усвои предлог законите за безбедносните сили на Косово.
Comments are closed for this post.