УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН, денеска ја повика Грција итно да ги пресели илјадниците баратели на азил од опасно преполнетите центри на грчките острови во Егејот.

Пристигнувањата преку морето во септември, претежно од авганистански и сириски семејства, се зголемија на 10.258 што е највисоко месечно ниво од 2016 година, влошувајќи ги условите на островите каде моментално има 30,000 баратели на азил.

Состојбата на Лесвос, Самос и Кос е критична. Центарот Морија на Лесвос веќе за пет пати го надминува својот капацитет со 12.600 лица. Според кажувањата, 100 луѓе делат единечен тоалет. Тензично е и во Морија, каде во пожар на контејнер загина една жена, по што следуваа немири од фрустрираните баратели на азил што доведе до судири со полицијата.

Центарот Морија на Лесвос веќе за пет пати го надминува својот капацитет

На Самос, во прифатниот центар Вати има 5.500 луѓе, осум пати повеќе од неговиот капацитет. Повеќето спијат во шатори со мал пристап до чиста вода или медицинска нега. Состојбите значително се влошија и на Кос, каде 3.000 луѓе се сместени на простор за 700.

Држењето на луѓето на островите во вакви несоодветни и несигурни услови е нехумано и мора да се стави кра, потенцира УНХЦР.

Од организацијата ги повикуваат грчките власти да ги следат плановите за префрлање на над 5.000 баратели на азил кои веќе се овластени да ја продолжат постапката за азил на копното. Паралелно, мора да се обезбедат нови места за сместување за да се спречи притисокот од островите да се прелева во копното Грција, каде повеќето места работат со полн капацитет.

УНХЦР ќе продолжи да ги поддржува трансферите на копно во октомври на барање на владата, а апелираат до европските држави да отворат места за преместување на големиот број деца кои имаат право да се поврзат со нивните членови на семејството.

Грција годинава прими поголем дел од пристигнувањата низ медитеранскиот регион, околу 45.600 од 77.400, повеќе отколку  Шпанија, Италија, Малта и Кипар заедно.