Снимките од безбедносните камери се гледаат во микроскопски детали по вчерашната експлозија во црквата Свети Дионис во Колонаки, Атина, по која реагираше и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Полицијата засега нема трага која би ги одвела до сторителите, а од друга страна аналитичари сметаат дека можеби станува збор за нова генерација терористи со свој стил. Терористи кои не се грижат кој ќе загине во напад, туку ги гледаат само своите цели.

Ова од причини што, како што се потенцира, пред нападот немало телефонско јавување за подметната бомба, како што беше случај пред неколку дена кога беше поставен пред Скај ТВ, исто така во Атина. Некои експерти сметаат дека најверојатно станува збор за нова левичарска терористичка организација, но не се наведени нејзините цели, или евентуална структура и логистика.

Некои анализи дури одат до таму што се тврди дека вчерашниот утрински напад врз црквата е само „проба“ пред нешто многу поголемо, односно дека експлозијата во која беа повредени две лица е само вежба на многу добро истренирани терористи. Ова се поткрепува со фактот што експлозивната направа била така изработена да предизвика голем звук и потрес, но да нема фатални повреди или поголеми штети. Тие истакнуваат дека пред грчката полиција сега се наоѓа сериозен предизвик.