Денеска лидерите на Русија и Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ имале телефонски разговор во кој наверојатно е договорено вакцината „Спутник V“ против ковид-19 да се произведува во Србија.

Во оваа пригода, претседателот Вучиќ му се заблагодарил на претседателот Путин за поддршката во борбата против коронавирусот, а особено за испораката на вакцината „Спутник V“, бидејќи придонесе земја да предводи во светот според вакцинирањето на населението.

Претседателот Вучиќ го замолил претседателот Путин да им помогне што поскоро да набават дополнителни количини од руската вакцина, за што поголем број српски граѓани да добијат сигурна заштита од коронавирусот во најблиска иднина.

Тој исто така истакнал дека Србија со помош на експерти од Русија ќе гради фабрика и самостојно ќе ја произведува вакцината.

Двајцата државници, во долг пријателски разговор, разговараа за целиот спектар на теми што ги опфаќаат областите на билатералната соработка, како и за регионалните и меѓународните ситуации.

Потврдата дека Русија сака да го зголеми производството на вакцината „Спутник V“ во странство, пристигна и од Кремељ, а тоа го изјави портпаролот Дмитриј Песков.

Во многу блиска иднина, имаме намера да започнеме со производство во странски земји со цел да одговориме на зголемената побарувачка во сè повеќе земји – рече Песков на прес-конференција.

Руската вакцина, која што досега предизвикуваше контроверзии, е 91,6 проценти ефикасна во борбата против вирусот ковид-19, објави вчера медицинското списание „Лансет“, повикувајќи се на независни експерти.