Светскиот шампион“ во вакцинација, Израел, почнува контроверзен проект на ковид-беџ, кој со својата боја ќе покаже дали некое лице е вакцинирано или не, со што ќе се овозможи да влегува во ресторани или на концерти.
Владата објави систем на беџови – виолетова за оние кои не се вакцинирани или примиле само една доза и зелена за оние кои примиле втора вакцина или прележале Ковид-19.
Во последните денови официјално се најавува распоредот за излегување на Израел од третиот карантин од почетокот на пандемијата, благодарение на интензивната кампања за вакцинација што ја претвори земјата во мала „светска лабораторија“, јавија локалните медиуми.
Досега се вакцинирани четири милиони Израелци или 45 проценти од населението, од кои 2,6 милиони примиле втора доза, според најновите податоци на Министерството за здравство, што е највисока стапка на вакцинација во светот.
Со ефикасна вакцина и висок процент на вакцинирана популација, властите планираат од недела постепено да отвораат спортски сали, трговски центри, ресторани и кафулиња.
Се претпоставува дека Израел и Србија за неколку месеци ќе имаат колективен имунитет и ќе бидат првите земји со целосно вакцинирано полнолетно население.
Comments are closed for this post.