Светиот архиерејски Собор на Српската православна црква (СПЦ) соопшти дека одлуката на Цариградската патријаршија за автокефалност на украинската црква е неоснована, а „одлуката за рехабилитација на расколничките групи е неприфатлива“. Поради тоа, Српската православна црква нема да ги признава тие одлуки, сооптшија од Соборот.

На тој начин, СПЦ застана на страната на Руската православна црква во овој спор.

На дводневната седница на Соборот, што се одржа на 6 и 7 ноември, архиереите на СПЦ заклучија дека Цариградската патријаршија усвои канонски неоснована одлука за рехабилитација и за епископи признала двајца водачи на расколнички групи во Украина, Филарет Денисенко и Макарије Малетиќ, заедно со нивната епископија и свештенството.

Како што наведуваат од СПЦ, Филарет своевремено бил канонски лишен од чинот, а потоа и исклучен од црковната заедница и подвргнат на анатема, а Макариус, „е лишен од апостолскиот прием како духовен изданок на сектата на таканаречените самосвети“.

Затоа, Светиот архиерејски Собор оваа одлука на цариградскиот Синод ја смета за необврзувачка за Српската Православна Црква.

Соборот не ги признава споменатите личности и нивните следбеници за православни епископи и свештеници и, следствено, не прифаќа литургиско и канонско општење со нив и со нивните поддржувачи – се истакнува во соопштението.

Соборот на СПЦ им предлага на Цариградската патријаршија и на сите останати помесни автокефални православни цркви, прашањата за автокефалност и за православната дијаспора што е можно побргу да се разгледаат на сеправославниот собор, со цел да се потврди и да се зајакне соборноста и единството и во иднина да се избегнат искушенијата како што е ова, низ кое сега поминува православието.

Во соопштението на СПЦ се наведува дека за овој соборски став официјално се информирани сите православни цркви, од Цариградската до Московската патријаршија.