Министерката за надворешни работи и дијаспора во Владата во заминување на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла поднесе денеска оставка од функцијата, откако во јавноста се појави снимка, според која нејзиниот сопруг наводно потплатува членови на изборна комисија за да ѝ ги обезбеди потребните гласови за да стане пратеничка во новото Собрание на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај-Стубла поднесе оставка и на функциите и членството во нејзината партија, Алијанса за иднината на Косово (ААК), а во образложението кое го објави на нејзиниот Фејсбук, наведе дека последните денови, таа лично инејзиното семејство, „во се уште неразјаснети околности“, биле „изложени на линч, притисоци, манипулации и уцени“.

– Оваа одлука ја донесов поради моралната штета која ми е нанесена и повредениот имиџ од страна на лица со валкани намери, а не затоа што чувствувам одговорност за манипулациите и обвиненијата кои ми се припишуваат мене и на моето семејство, напиша Харадинај-Стубла, најавувајќи дека ќе се бори со сите законски средства за да се открие вистината во врска со обвиненијата против неа и нејзиниот сопруг.

Косовските медиуми деновиве објавија снимка, на која се слуша како неколку лица разговараат меѓу себе, при што кажуваат дека од сопругот на Харадинај-Стубла добиле пари за во центарот за пребројување на гласовите да обезбедат што повеќе гласови, со цел таа да стане пратеник.

Бизнисменот Дардан Стубла наводно потплатил четворица доверители кои „украле“ гласови од другите кандидати на ААК и ги завеле истите на сметка на неговата сопруга Мелиза.

Премиерот во оставка Авдулах Хоти ја прифати оставката на Харадинај-Стубла и за нов вршител на должноста министер за надворешни работи го именува досегашниот заменик-министер Бесник Тахири, соопшти попладнево владината служба за информирање.

Партијата на Харадинај-Стубла, ААК, чиј лидер е поранешниот премиер Рамуш Харадинај, на вонредните парламентарни избори во Косово, на 14 февруари, освои нешто повеќе од седум отсто од гласовите и обезбеди осум пратенички места во идното републичко Собрание.