По Полска и Унгарија, Романија, која го презема претседателството со Европската Унија од јануари, е под лупа на Европската Комисија поради притисоците на Владата врз  јавниот обвинител на земјата, Аугустин Лазар, јави дописничката на МИА од Брисел.

Повеќе пати повторивме дека независноста на романскиот судски систем и нејзиниот капацитет да се бори против корупцијата на ефиаксен начин е од најголема важност, силни и независни процедури за отпуштање и назначување на главните обвинители секогаш било дел од нашите препораки, изјави Кристиан Виганд, портпарол на Европската Комисија.

Романскиот министер за правда, Тудорел Тоадер, во средата најави дека ќе започне процедура за отстранување на јавниот обвинител. Најавата доаѓа само неколку месеци по остранувањето на главната антикорупциска обвинителка, Лаура Ковеси, чие работење редовно беше поздравувано од страна на Брисел.

Романската Влада го обвинува Лазар дека не си ги исполнил зададените обврски и дека преку договор склучен со разузнавачките служби тој создал „паралелна правда, некомпатибилна со правната држава”. Обвинителот возврати велејќи дека се нарушува независноста на судството.

Романија се смета за една од најкорумпираните земји во Унијата, и, заедно со Бугарија, е единствената земја членка која е предмет на посебен механизам на верификација и контрола (ЦВМ) фокусиран на реформите во судството и владеењето на правото. Новиот извештај се очекува следниот месец, а Романија треба да го преземе кормилото на ЕУ веќе во јануари