Албанската полиција разбила криминална банда, осомничена за повеќе тешки кривични дела што последните месеци се случија во северниот град Скадар. Во меѓународна полициска акција, уапсени се единаесет членови на групата „Бајри“, додека по двајца се трага.

Повеќето од нив се фатени во Албанија, но неколкумина се уапсени во Холандија. Нивното апсење следуваше откако вчера полицијата во Тирана го уапси Енвер Бајри, кој се смета за водач на групата. Уапсен е и неговиот братучед Сафет Бајри, по кого има потерница

Истрагата околу активноста на групата почна пред шест месеци. Реализирани се десетици часови прислушкувања, размена на информации со партнерите, направени се многу анализи, вршена е контрола од воздух со дрон и постојано следење. Нашата полиција соработуваше со многу колеги, но најмногу со колегите од Холандија – соопшти Арди Велиу, генерален директор на албанската полиција.

Според Велиу, меѓу тешките кривични дела за кои се товари групата, документирани се две убиства случени во Скадар, неколку обиди за убиства, како и уцени на повеќе лица со изнуда на големи суми на пари.

Групата „Бајри“ во соработка со други гриминални групи, во и надвор од Албанија, вршела и недозволена трговија со дрога во европските земји по што „заработените“ средства ги инвестирале во Албанија.

Полицијата запленила и неколку парчиња оружје, додека како дел од истрагата, во Велипоја запленет е недвижен имот, хотел и ресторан, за кои постои основано сомнение дека се изградени од средства од криминални активности.

Во Скадар во последните неколку месеци се случија шест убиства, две лица се исчезнати, а регистрирани се и повеќе случаи на киднапирања со барање откуп.