Косовскиот претседател, Хашим Тачи, смета дека дел од северните територии, населени со мнозинско српско население, Косово ги добило од некогашниот висок функционер на Србија и СФР Југославија, Александар Ранковиќ, и има намера истите да ги врати во замена за Прешевска Долина, објави приштинскиот весник „Коха Диторе“.

Весникот се повикува на неименувани извори во кабинетот на Тачи, кои велат дека не се знае точно за колкава територија станува збор, но според косовскиот претседател се работи за „дел од Лепосавиќ, Лешак и Зубин Поток“.

Според косовските аналитичари што ги консултира весникот, Тачи со изјавите дека „Косово не смее да биде заложник на таквите ‘подароци’“, јасно ја истакнува идејата за размена на територии, иако во јавноста тоа го прикажува како корекција на границата.

Александар Ранковиќ (1909-1983) беше народен херој од Втората светска војна во тогашна Југославија и еден од највлијателните политичари во СФРЈ, основач на УДБА и ОЗНА, силните разузнавачки служби на тогашна Југославија, како и затворот „Голи оток“, каде што беа испраќани неистомислениците на комунистичкиот режим.

Тој беше тргнат од политичката сцена во 1966 година, кога тогашниот неприкосновен југословенски лидер Јосип Броз Тито, на пленумот на комунистичката партија во Бриони, објави дека Ранковиќ ги надминал своите надлежности и овластувања, со тоа што го прислушкувал и самиот Тито.

Како што наведува „Коха Диторе“, Ранковиќ се смета за идеолог на етничко чистење на Косово во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, со силните притисоци за нивно иселување, што резултира со заминуваање на голем број Албанци во Турција и колонизација на делови на Косово со Срби.

Весникот пишува дека негова идеја е принудувањето на косовските Албанци, по разни тортури, да купуваат оружје од одередени „даватели на услуги“ и истото да го предаваат кај властите, со „признание“ за нелегално поседување, по што беа казнувани со затворски казни или принудувани заедно со семејствата да го напуштат Косово.