Во дијалогот меѓу Приштина и Белград за конечен договор меѓу двете земји, „не смее ниту да се отвори“ каква било дебата за корекција на границите, истакна косовскиот премиер, Харадинај. Во интервју за косовската ТВ21, Харадинај додаде дека прв услов за постигнување договор за помирување треба да биде барањето извинување од српска страна за злосторства извршени врз косовското население.

Мојот став е јасен, не дозволувам, не прифаќам, не поддржувам и не учествувам во ниту еден процес со кој се допираат границите на мојата земја – изјави Харадинај.

Како што изјави косовоскиот премиер, Косово не смее да си дозволи да разговара за редефинирање на своите граници, затоа што тоа може да донесе опасност за неговиот опстанок.

Признаени сме од повеќе од 110 држави во овие граници, членка сме на меѓународни институции со овие граници. Отворањето на прашањето на границите во која било варијанта претставува враќање во времето пред независноста и носи ризици кои не можат да се контролираат – рече косовскиот премиер.

Сепак, Харадинај додаде декане е против продолжување на дијалогот со Србија и повика на ставот дека мора да се дојде до помирување меѓу двете земји.