Унгарија силно и непоколебливо го поддржува членството на Албанија во големото европско семејство. Тоа е во интерес на сите страни, изјавил унгарскиот премиер Виктор Орбан на попладневната заедничката прес-конференција со албанскиот колега Еди Рама, кој од вчера се наоѓа во посета на Унгарија.

– Сакам да ве запознам со премиерот на Албанија, кој е голем пријател на Унгарија. Тој победи на изборите три пати по ред, ова е голема работа, во земја како што е Албанија со жива демократија, во која се води голема политичка војна. Прашањата за кои разговаравме денеска е политичката соработка меѓу двете земји, се приближуваме до 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, сакаме тоа убаво да го прославиме, рекол Орбан, пренесува агенцијата Балкан веб.

Рама во свој стил уште додал дека албанско-унгарското пријателство е многу постаро. Вие, додал, ни дадовте кралица (сопругата на албанскиот крал Ахмет Зогу, Гералдина била унгарска принцеза), а ние ви го дадовме најдобриот стрелец на Ференцварош (Мирто Узуни).