Премиерот на Албанија, Еди Рама, најави дека не е загрижен поради масовниот протест на обединетата албанска опозиција одржан во петокот навечер и дека изборите на 30 јуни ќе се одржат без никакви пречки. За да го зацврсти тој став, Рама на изборниот митинг одржан во градот Финиќ носеше капа со бројот 30.
Од митингот, Рама порача дека на 30 јуни ќе има избори на целата територија на земјата и оти денот на изборите ќе биде еден обичен ден. Притоа, Рама потенцира дека доколку има оддредени проблеми, тие спорадични случаи нема да го блокираат процесот.
На 30 јуни, изборите ќе се одржат на целата територија на Албанија. Го знаеме резултатот однапред не поради она за што не обвинуваат, туку затоа што сме многу организирани и постојано работиме. Напорите за судири на изборите за да се создаде конфликт и враќање на Албанија назад немаат никаква шанса. На 30 јуни Албанија ќе спроведе избори. Убеден сум дека 30 јуни ќе биде нормален ден, дури и ако постојат спорадични, очајни напори, тие ќе бидат немоќни да го блокираат изборниот ден кога народот треба да зборува, ден кога импонира едно малцинство на слепци и губитници кои го изгубиле компасот – изјави Рама.
Поради одлуката на опозицијата за бојкот, на локалните избори дури во 35 од вкупно 61 општина, во трката за градоначалник се наоѓа по еден кандидат и тоа од владејачката изборна коалиција Алијаса за европска Албанија предводена од Социјалистичката партија.
Коалицијата со свои кандидати учествува во сите општини.
Во останатите 26 општини во трката за градоначалник покрај кандидатите од владејачката коалиција се и кандидати од неодамна регистрираната партија Демократско убедување (17), независни кандидати се седум, по еден кандидат имаат коалицијата Надеж за промени, македонската партија МАЕИ, грчката партија Мега, Комунистичката, Конзервативната и партијата Нов демократски дух.
Comments are closed for this post.