Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, изјави дека очекувал Европа да покаже подоследен и повеликодушен став на Европа кон Македонија. На овој начин, во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, Катругалос ги коментираше одлуките на Советот на министри на ЕУ за нашата земја.

Постои општа опасност за кредибилитетот на ЕУ ако остави впечаток дека не ги исполнува нејзините обврски кон земји како што е Северна Македонија кои целосно ги исполнија нивните. Од овие причини, очекував еден подоследен и повеликодушен став на Европа кон оваа земја. Но, и вака, отворен е патот за отпочнување преговори од октомври – изјави Катругалос.

Во однос на ставовите на опозициите во двете земји, шефот на грчката дипломатија смета дека е позитивно тоа што Нова демократија го прифаќа Договорот од Преспа и додава дека е важно тоа што во заклучоците на Совет за општи работи вклучено е и спроведувањето на Договорот.

Официјалното прифаќање на Договорот од раководството на Нова демократија и покрај тоа што постојат несогласувања од крајно десничарското крило, јасно е дека е позитивна разврска. Но, постои уште една поважна разврска: неодамнешната одлука на Совет за општи работи, надлежното тело на ЕУ за проширувањето, јасно и по прв пат го поврзува лојалното спроведување на Договорот од Преспа со интегративната перспектива на соседната земја. Ова е основна гаранција, Северна Македонија никогаш повеќе да не се врати на националистичките политики од минатото, па дури, иако мислам дека не е можно, да има каква било промена на власта – вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто.