Бугарскиот претседател, Румен Радев, предмалку соопшти дека според Уставот на Република Бугарија на партијата ГЕРБ, поточно на поранешниот министер за надворешни работи, Даниел Митов, му го врачи мандатот за формирање нова бугарска Влада, јави дописникот на МИА од Софија.

Радев најави дека очекува ГЕРБ да предложи состав на Советот на министри во рок од седум дена, со што ќе ги исполни очекувањата на јавноста за правда и економски раст во земјата.

Врачувањето на мандатот на Митов за формирање на новата бугарска Влада се случи само еден ден по завршувањето на политичките консултации со шесте парламентарни формации кај претседателот Радев.

Шефот на државата ги истакна комплексните безбедносни услови, пандемијата, економската и социјалната криза што бараат јасна одговорност и оперативно управување. За ова, според Радев, „потребни се оперативни и одговорни активности за формирање кабинет“.

Се уште не е јасно дали ГЕРБ ќе обезбеди парламентарно мнозинство во 45-то Бугарско национално собрание и дали може брзо да го врати мандатот, како што шпекулираат медиумите во Бугарија.

Според медиумските шпекулации, сосема е извесна можноста Бугарија да добие малцинска влада или да оди на предвремени парламентарни избори во Бугарија уште ова лето.