Лидерот на бугарската владејачка партија ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, денеска во ходниците на Народното собрание во Софија, експресно му одговори на бугарскиот претседател Румен Радев, изјавувајќи дека владата на ниту еден начин не ја турка земјата кон војна.
-Ние во никој случај не ја туркаме земјата во војна, изјави Борисов, во коментарот до Радев, кој утринава изјави дека „курсот на новата влада е да ја турка Бугарија уште поблиску до војна“.
„Немам причина да зборувам во име на Владата, можам да зборувам само во името на мојата пратеничка група. Целиот демократски свет и помага на Украина на кој и да е начин“, истакна Борисов.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев пред денешната посета на Австрија се осврна на несогласувањата со извршната власт, истакнувајќи дека новата Влада ја турка земјата поблиску до војната.
– Не сметам дека е соодветно политичарите со скромна изборна поддршка да зборуваат и да преземаат толку тешки обврски во име на Бугарија. Некои политичари на оваа војна гледаат како да се во театар и удобно се сместиле во публиката и се во заблуда дека ќе останат само гледачи. Во интерес на цела Европа е веднаш да ги прекине непријателствата и да ги бара сите можни начини за обновување на дијалогот и мировните преговори, наместо да се поттикнува конфликтот со ново оружје, истакна Радев.
Тој пред три дена изјави дека би било грешка Бугарија да се приклучи на договорот за обезбедување ракети на Украина. Во мај, земјите од ЕУ го финализираа договорот за испраќање на Киев еден милион гранати од 155 милиметри, како и проектили, до крајот на март следната година. Радев денеска ги повика новата влада и Министерството за одбрана да се грижат „повеќе за бугарската армија, а не за странските“ вооружени сили.
На Самитот на НАТО во Вилнус, Радев требаше да ја предводи бугарската делегација, но Владата пред два дена одлучи делегацијата да биде предводена од премиерот.
– Надворешната политика е заедничка одговорност на институциите и едностраното наметнување на ставовите на извршната власт не води до одржливо решение, изјави Радев коментирајќи ја одлуката премиерот Николај Денков да ја предводи бугарската делегација на Самитот на НАТО.
Тој додаде дека и според Законот за одбрана и вооружени сили, како и според Уставот претседателот е врховен командант и во време на војна и во мир
Comments are closed for this post.