Студентите во Грција, и денеска, организираат протести во повеќе градови за да го изразат нивното незадоволство за промените во законот за високо образование, што вчера помина на првиот состанок на надлежната комисија во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Студентите протестираат против измените во високото образование, начинот на упис на факултетите, но и воведувањето универзитетска полиција, а минатиот четврток, и покрај забраната за собири на над 100 лица, демонстрациите беа масовни.

Предлог законот на Министерството за образование за „Упис во високо образование, заштита на академската слобода, надградба на академската средина и други одредби“, вчера, при првото читање пред надлежната комисија, доби зелено светло, а утре продолжува расправата, по што ќе следи и гласање на пленарна седница во Парламентот.

Доцна синоќа, непознати лица фрлиле летоци со закани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција Ники Керамеос, по што реагираше владиниот портпаролот Христос Тарандилис, кој рече дека прават грешка оние кои мислат дека на тој начин ќе ја исплашат министерката и Владата и истакна дека „за насилството нема место ниту на универзитетите, ниту во општеството“.