Албанија доби едногласна поддршка од земјите членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да претседава со оваа органиизација во 2020 година. Одлуката е официјализирана за време на 25-та средба на министерскиот совет на ОБСЕ во Милано.

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Дитмир Бушати, кој учествуваше на средбата, изјави дека ова е најголемата победа на надворешната политика во рамки на мултилатералната соработка по зачленувањето на земјата во НАТО.

ОБСЕ се протега од Ванкувер до Владивосток и не само што ќе ги тестира политичките и дипломатските капацитети на нашата земја во текот на извршувањето на нашите одговорности во Тројката и во раководењето на ОБСЕ, туку во исто време и нашата способност да комуницираме со сите земји-членки на оваа голема организација, со партнерските земји, со автономните институции кои делуваат во рамки на институционалната архитектура на ОБСЕ, кои на еден или друг начин имаат позитивно влијание врз овој простор, рече министерот Бушати.

Бушати посочи дека заложбите на Албанија ќе започнат главно на Балканот, покажувајќи одговорност како земја членка на „Тројката”.

Ова е голема одлука за Албанија, тоа е победа за нашата надворешна политика, за нашиот конструктивен курс во Западен Балкан, во Медитеранот, нагласи Бушати.

Албанското претседавање со ОБСЕ како земја од регионот на Западен Балкан доаѓа по четири претседавања на земји-членки на Европската унија.

Од 1 јануари следната година, Албанија ќе стане дел од „тројката“ на претседателството на ОБСЕ, заедно со Словачка, која го презема претседавањето во 2019 година и Италија, која го завршува своето претседавање. Во овој контекст, Бушати ја изрази посветеноста на земјата на зајакнувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион и ОБСЕ во целина.