Неколкумина туристи се здобиле со повреди кога на популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос од непознати причини почнале да паѓаат карпи од голема височина. Одронот од 200 метри височина предизвикал големи бранови и превртување на чамците и на бродовите што во тој момент се наоѓале во близина на плажата.

Се слушна бучава и падна мал дел од карпа, потоа втор поголем дел и трет дел што создаде вител во морето што ги преврти чамците, изјави за грчката новинска агенција АНА-МПА, очевидец, член на екипажот на еден брод.

Според грчките медиуми, меѓу повредените имало маж и жена со нивните две деца, коишто биле однесени со возило на брзата помош.


Според грчката крајбрежна служба, завршен е процесот на пребројување на туристите кои што со бродовите стигнале на „Навагио“ и нема исчезнати лица, а плажата превентивно е евакуирана и е забранет пристапот на бродови и чамци.

Во акцијата за спасување и пронаоѓање на евентуално исчезнати лица на популарната плажа на Закинтос, учествуваа 18 пожарникари заедно со куче за спасување.

Локацијата, која според грчките медиуми е меѓу плажите со најголем број објавени слики на социјалните мрежи, освен меѓу туристите е многу популарна и меѓу љубителите на екстремните спортови.