Протокол со амандмани на веќе постоечкиот Договор за одбранбена соработка од 90те години меѓу Грција и САД потпишаа шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и американскиот државен секретар Мајк Попмео на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Помпео рече дека Грција е важна за стратешката стабилност во Европа и источниот Медитеран, додека пак Дендиас истакна дека Грција по кризата се враќа на меѓународната сцена како столб на стабилност во поширокиот регион. И двајцата коментираа дека започнува нова ера во билатералната соработка.

-Имаме нов ден во нашите односи меѓу нашите две земји и нашата посветеност на демократијата и се надеваме дека Грција ќе биде стратешки партнер во Европа и во Источниот Медитеран, рече Помпео и додаде дека Америка сака да стане сојузник на Грција во повеќе теми како што е енергетиката.

-Стратешката надградба на соработката со Соединетите Американски држави претставува гаранција за безбедност, стабилност, развој и просперитет, рече Дендиас и додаде дека соработката меѓу двете земј се проширува и во други области како што се економијата, трговијата, енергетиката, инвестициите, борбата со тероризмот и сл.

Дендиас и Помпео на прес конференцијата по нивната средба, освен што говореа за важноста на договорот, одговарајќи на новинарски прашања се осврнаа и на активностите на Турција во Егејското море за кои Дендиас рече дека со “нелегалните дупчења го прекршува меѓународното право”.

-Ги разбираме ризиците, ги знаеме активностите и работиме на тоа да немаме милитаризација на ова прашање и ескалација. Треба да постигнеме заемно прифатливи резултати. Не можеме на никој да дозолиме да прави нелегални дупчења. Не може да се дозволи тоа, рече американскиот државен секретар.