Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Метју Палмер тесно ќе соработува со вчера назначениот претставник за преговорите на Белград и Приштина, Ричард Гренел, за да се постигне сеопфатен договор, соопштија од Стејт департментот за радио Слободна Европа (РСЕ).

– Специјалниот претставник Палмер, исто така, ќе ја продолжи својата важна работа во приближување на регионот кон Западот, работејќи со владите за унапредување на реформите и зајакнување на надворешните влијанија, помагајќи им да ги надминат проблемите што ги спречуваат во нивните европски и евроатлантски аспирации, додаваат од Стејт департментот.

Во соопштението се додава дека САД гледаат историска можност Србија и Косово да постигнат сеопфатен договор.

– Одлуката на претседателот за назначување на претседателски претставник за мировни преговори ја потенцира посветеноста на Соединетите држави за мир, стабилност и просперитет за народот во Србија и Косово“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го назначи американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел за претседателски претставник во преговорите на Белград и Приштина.

Во август, американската администрација го назначи Метју Палмер за специјален пратеник за Западен Балкан, што беше толкувано како нов обид за повторно придвижување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Вчера српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за него е изненадувачка веста за назначувањето на Гренел, додека косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека по назначувањето, тие имаат „поголема доверба во процесот на дијалогот и можноста да се постигне признавање од страна на Србија и членство во ООН“.

Назначувањето го коментираше и портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, истакнувајќи дека тоа е добредојдено, но и дека се знае кој има мандат да го води дијалогот.