Веста за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово предизвика реакции од бројни јавни и политички личности од  соседните земји.

Жалење и сочувство до семејствата на загинатите во несреќата, упатија претседателот на Косово, Хашим Тачи и првиот парламентарец, Кадри Весели.

Најдлабоко сочувство за семејствата на жртвите во сообраќајната несреќа на автопатот Скопје-Тетово, а на повредените им посакувам што поскоро оздравување, напиша Тачи.

Претседателот на Собранието изрази сочувство од свое и од името на законодавниот дом на Косово.

Тажна е веста за тешката трагедија што се случи денеска на автопатот Скопје-Тетово. Од мое име и од името на Собранието на Република Косово им изразувам сочувство на семејствата на жртвите во оваа трагедија и им посакувам брзо оздравување на сите повредени, напиша Весели.

По повод трагедијата во Македонија, Владата на Косово ја почна денешната седница со едноминутен молк.

Веста, заедно со слика од почетокот на седницата, на својот Фејсбук ја објави косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој претходно, синоќа, преку социјалната мрежа изрази жалење за жртвите.

Претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ упати телеграма со сочувство по повод тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа на автопатот Скопје – Тетово.

Длабоко ме потресе веста за тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа, а во која загинаа 14 ваши државјани, а голем број се повредени. Во име на Советот на министри на БиХ и во свое лично име примете искрено сочувство и Ве молам на семејствата на загинатите да им пренесете изрази на наше најдлабоко сочувство, а на повредените граѓани искрени желби за што побрзо закрепнување, се наведува во телеграмата на Звиздиќ.

Албанскиот претседател Илир Мета изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите. На својот профил на Фејсбук тој напша дека е длабоко погоден и тажен од страшната вест и е духовно со семејствата на настраданите.

Длабоко погодени и тажни од шокантните вести за загубените животи во трагедијата со автобусот на автопатот Скопје-Тетово. Во овие тешки мигови духовно сме до семејствата погодени од оваа трагедија, до роднините и пријателите на жртвите и сите граѓани на Северна Македонија погодена од ова трагедија! Длабоко и искрено сочувство и братска солидарност! Искрени желби за брзо закрепнување на повредените, напиша Мета.

Длабоко сочувство до најблиските на загинатите изрази и претседателот на албанскиот парламент Грамоз Ручи.

Претходно, длабоко сочувство до семејствата на загинатите изрази и премиерот Еди Рама наведувајќи дека „духовно сме покрај семејствата на настраданите и пријателската земја“.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази жалење за жртвите во тешката автобуска несреќа што вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Тетово.

Со болка ја слушнав веста дека на патот Скопје – Тетово животот го загубија 14 лица. Им изразувам жалење на најблиските на загинатите и посакувам брзо заздравувње на повредените, изјави Борисов.

Длабоко жалење, како и сочувство и солидарност до граѓаните и владата, изразува Министерството за надворешни работи на Грција по трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово.

Длабоко жалиме за трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје- Тетово. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и нивните најблиски. Изразуваме искрено сочувство и солидарност со граѓаните и владата на Северна Македонија, напишаа од грчкото МНР на нивниот официјален Твитер профил.