Хрватска е подготвена да згрижи десетина пациенти од Чешка и Словачка, објави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по телефонските разговори со колегите Андреј Бабиќ и Игор Матовиќ.

Изразив подготвеност Хрватска да згрижи десетина ковид-пациенти од Чешка и Словачка во случај на потреба, со оглед на притисокот врз нивните здравствени системи“, објави Пленковиќ на „Твитер“.

Пленковиќ додаде дека Хрватска е солидарна со членките на ЕУ во борбата против Ковид-19.

Чешка, земја со 10,7 милиони жители во последните неколку недели е меѓу најтешко погодените земји во светот, а бројни регионални болници се преплавени со прилив на пациенти. Минатата недела Чешка побара помош од Германија, Швајцарија и Полска за згрижување на пациенти. Соседна Словачка ги пренесе своите први пациенти заболени од коронавирус оваа недела во странство. Полска и Германија досега понудија десет кревети на словачки пациенти, наведе Братислава.

Словачка има 17,03 смртни случаи на милион луѓе во последната недела, веднаш зад соседната Чешка, која има 18,85 смртни случаи на милион жители.